Жителите на Општина Чашка добија фитнес зона со различни справи за вежбање (фото)
На осум фитнес справи, младите но и повозрасните жители на Општина Чашка, ќе може да вежбаат и своето слободно време да го искористуваат на ново отворената фитнес зона којашто се наоѓа веднаш до основното училиште во населбата. Овие справи за вежбање се бесплатни за секој жител и истите ќе можат да ги користат и младите од другите населени места.
Фитнес зоната е дел од проект којшто целосно е финансиран од Агенција за млади и спорт, а директорот Наумче Мојсоски на денешното свечено отварање рече дека неговата цел да се гради во руралните средини е исполнета.
-Се надевам дека децата и спортистите од населба Чашка оваа фитнес зона ќе можат беспрекорно да ја користат. Ова е од спортистите за спортистите. Јас лично доаѓам од спортот и знам колку значи ова за жителите. За време на пандемијата се докажа дека овие фитнес справи на отворено се многу корисни. Светот останува на младите, младите останува да се здрави а ова е место кое они треба да го користат, додаде Мојсоски.
Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски, рече дека е посебно горд што оваа фитнес зона ќе им овозможи на младите да спортуваат и на отворено.
-Горди сме што Агенцијата за млади и спорт заедно со поддршка од Владата веќе се грижи и за младите деца коишто живеат во рурални средини. Во овој комплекс, кадешто се наоѓа училиштето, спортската сала како и фитнес зоната, до крајот на годината очекуваме да се пушти во употреба и новото гумирано кошаркарско игралиште со коешто ќе го заокружиме целиот комплекс за младата популација во населба Чашка, додаде Стојановски.
Оваа фитнес зона е една од вкупно 15 коишто треба да се отворат низ државата. Истата е дел од проект вреден три милиони денари кои се обезбедени преку буџетот на Македонија.
Стефани Манева