И без поддршка од државата моторциклистот Драган Ванов од „Мото-Велес“ освојува пехари и први места
На последната трка од Државниот шампионат во Мотокрос, вчера, во Битола на патеката „Смолево“, Драган Ванов ја потврди лидерската позиција во класата MX2 до 250 кубика и ја освои шампионската титула.
Овој македонски моторциклист, велешанец, истовремено е на лидерската позиција и во Enduro шампионатот во класата E1 до 250 кубика како прв македонски моторциклист коишто освојува шампионски титули во два различни спорта „Мотокрос“ и „Enduro“. Тоа претставува огромен успех и во исто време резултат како лично за Ванов така и за моторциклот што тој го вози. Секако неговиот успех е потврда и за целиот тим на „Мото – Велес“.
На Ванов ова му е четврта шампионска титула во континуитет во Enduro и седма титула во кариера како и прва во Мотокрос. Ако се земе во предвид дека станува збор за сериозен физички и психолошки напор ништо помалку вреден не е фактот дека станува збор за опасни и екстремни спортови од висок ризик.
Следниот чекор на овој млад велешанец се европските трки во „Enduro“ и „Superenduro“ за што е потребна сериозна поддршка од државата која отсуствува и покрај до сега постигнатите успеси.
Од „Мото -Велес“ велат дека државата засега не обезбедува финансиска поддршка за ваков вид на екстремен спорт за разлика со Европа па и во светот каде моторциклистите професионално се ангажирани и поддржани од професионални тренерски тимови со сериозни буџети.
-До сега резултатите на оваа спортска дисциплина не се препознаени од агенцијата за млади и спорт, можеби вредноста е деградирана поради фактот што станува збор за не олимписки спорт. „Мото – Велес“ ќе продолжи да функционира, да се натпреварува, да постигнува резултати користејќи го само финансирањето или црпењето на финансиски средства од личните, домашни буџети, како на професионалните возачи така и на тренерите. Но кога конкуренцијата е професионален возач и клуб од странство резултат се постигнува освен со подготвеноста на професионалните возачи и со набавка на нови мотори, соопштија од велешкиот клуб.
Оттаму додаваат дека немањето на нови мотори и не финансирањето на државата за учество во европски или светски натпревари го прават неизвесен напредокот на клубот.
Убавка Јаневска