Лицата со попреченост го отворија кошаркарскиот турнир во Кавадарци

Објавено: 20 август, 2025, во 11:18 часот

На Градскиот плоштад во Кавадарци вчера започна турнирот во кошарка „Street Basket“ кој беше отворен на топол и симболичен начин од страна на здружението „Кавадаречки срца“ кое ги обединува лицата со попреченост. Со ова, општината уште еднаш испрати силна порака дека спортот е место за сите – без исклучок.

Турнирот се одржува два дена во организација на Општина Кавадарци, и се игра на Градскиот плоштад во вечерните часови. Вчера вечер, беа одиграни првите натпревари, кои донесоа голема спортска возбуда и интерес кај публиката, додека утре вечер, четврток, од 20:00 часот – следуваат полуфиналните и финалниот натпревар, како и специјален шут за три поени, кој ќе се одржи веднаш пред големото финале.

На турнирот учествуваат десет екипи, подготвени за спортска борба, дружење и забава.

– Најдобрите ќе бидат наградени – за прво место следува награда од 8.000 денари, второто место ќе добие 6.000 денари, а третото 4.000 денари, изјави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Натпреварите се играат во одлична атмосфера, исполнета со музика, поддршка од трибините и урбана енергија. Кавадарци и ова лето покажува дека спортот, музиката и заедништвото одат рака под рака – на плоштад каде што победуваат духот, енергијата и солидарноста.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.