Ванов: По 17 години, Ендуро спортистите и овој вид на спорт, се без финансиска поддршка
Ендуро трката во организација на Мото клубот „Мото Велес“, наградена како врвен спортски настан од страна на Сојуз на спортови на град Велес, за претседателот на клубот Сашко Ванов причини гордост на достигнувањата од една и од друга страна предизвика разочарување поради односот на сите релевантни чинители во локалната заедница и во државата кои сеуште не дале достојна поддршка за спортистите од овој вид на спорт. Засега поддршка нема ниту од бизнис секторот.
За Дума Ванов изјави дека разочарувањето произлегува по сите вложени напори на овој велешки Мото клуб и пробиената, пред 11 години, патека на езеро „Младост“ за потребите од тренинзи и натпревари од овој вид на адреналински спорт.
– Од 2004 година се првите разговори и идејата за мото патека која тешко ја пробивавме .Во 2010 година по исполнување на низа критериуми ја имавме првата трка.Одтогаш наваму освоени се многу титули .Минатата година одржавме на оваа патека една трка и една одложивме.Причина за одложувањето е што пред секоја трка патеката треба да се среди ,бидејќи е земјена. Неа ја деградираат врнежите кои предизвикуваат ерозија ,бразди ,додека од трките се оштетува и бара континуирано одржување.Истовремено не е до крај завршена инфраструктурата на патеката. До неа потребно е да се донесе струја и вода, да се изградат тушеви. Дополнително има потреба и од зона за перење на моторите па поставување на јарболи и слично. Не може патеката да ја гради поединец, ентузијаст. Затоа побаравме овласување за стопанисување со мото крос патеката ,но ни општината ниту бизнис секторот покажаа интерес да се вклучат во проектот.Од време на време ќе добиеме помош во механизација,инцидентно и толку.Благодарност до неколкумина мои лични пријатели кои најдоа сенс и ми помогнаа. Да бидам искрен ова е многу скап спорт, се натпреваруваме затоа што лично финансираме се. Јас вложив многу пари,време и труд, но не барам ништо за мене. Идејата е да направиме патека за мото крос со сите потребни критериуми за меѓународни трки. До сега од политичарите добивав многу ветувања но малку од тоа се оствари.Што се однесува на бизнис секторот ќе кажам дека тропнав на триесетина врати за да успеам да го реализирам ваучерот од 60.000 денари.Од општинските власти добив уверување дека имаат разбирање за овој спорт и дека ќе помогнат.Останува да видиме, додаде Ванов.
„Мото Велес“ е клуб без спонзори. Моторциклистите се натпреваруваат на принцип на самофинансирање. Од лични средства ги купуваат моторите, плаќаат одржување , ги полнат со гориво и набавуваат пропратна опрема како што се одела ,кациги и слично. Се ова е потребно за тренинзи и за натпревари.
Сашко Ванов, покрај обврските кои ги има како претседател на клубот, е и најголмем спонзор. Негова желба е клубот да успее и опстои во намерата како најдобар во Македонија. Исто така, Ванов е и член на Управен одбор на Мото федерација на Македонија ,комесар на Ендуро комисијата на Македонија ,член на балканската Ендуро комисија и судија од светски ранг.
Лазар Лазаровски