Велешанецот Зоран Јаневски избран за претседател на „Асоцијација на аматерски велосипедски здруженија на Македонија“
Четиринаесет здруженија на велосипедисти од цела Македонија, вчера во Неготино, одржаа основачко собрание и основаа „Асоцијација на аматерски велосипедски здруженија на Македонија“. Оваа асоцијацијата има за цел унапредување и промоција на велосипедизмот во Македонија, промоција на велосипедските патеки и настани во државава, како и меѓусебна поддршка на здруженијата за велосипедизам.
Велешанецот Зоран Јаневски од „Veles Biking“ е избран за претседател на Асоцијацијата и за Дума.мк изјави дека засега единствена цел ќе биде меѓусебно помагање и поддршка во организацијата на велосипедиските настани.
-Две работи договоривме како за почеток. Првата е обновување на кампањата за укинување на забраната за превоз на велосипед во воз, а втората е унифицирање и правна издржаност на документ, кој секој учесник го пополнува за учество во велосипедски настан или позната како „Изјава за самостојно учество“, додаде Јаневски.
За потпретседатели на „ААВЗМ“ избрани се Даниел Габрески од „ВелоЧе-Прилеп“ и Горан Богоевски од „MacedonianBikeRiders“, додека за прв секретар избран е Живко Гурев од „Тиквешки Точакџии“.
На првото Основачко Собрание избран е и Управен Одбор со седум членови и Надзорен Одбор со три членови, како и останати раководни тела.
Стефани Манева