ИПИС: Речиси 38 отсто испитаници сметаат дека „некој друг“ е виновен за воената инвазија на Русија врз Украина

Објавено на 10 јануари, 2023 во 16:11

Анкетата на ИПИС покажува дека 21,9 отсто од испитаниците сметаат дека одговорноста за воените дејствија е исклучиво на Русија, 4,1 отсто сметаат дека одговорноста лежи во Украина, додека 16,8 отсто сметаат дека подеднакво се одговорни и Русија и Украина. Понатаму, 19,4 отсто од испитаниците не можат да утврдат кој е виновен, додека рекордни 37,8 отсто сметаат дека тоа е „некој друг“. Највисоко ниво на неодобрување на руската воена агресија врз Украина има кај симпатизерите на ДУИ, АА, СДСМ, Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА (44,4 отсто), додека од испитаниците што ја оправдуваат воената агресија на Русија врз Украина, највисоко ниво на одобрување има кај симпатизерите на Левица

Повеќе од половина анкетирани лица немаат разбирање за мотивите на Русија да отпочне воени дејствија во Украина, додека 27,4 отсто имаат разбирање.

За тоа чија е одговорноста за воените дејствија, 21,9 отсто сметаат дека одговорноста е исклучиво на Русија, 4,1 отсто сметаат дека одговорноста лежи во Украина, додека 16,8 отсто сметаат дека подеднакво се одговорни и Русија и Украина.

Понатаму, 19,4 отсто од испитаниците не можат да утврдат кој е виновен, додека рекордни 37,8 отсто сметаат дека тоа е некој друг, без да прецизираат кој.

Ова се само дел од одговорите од анкетата што ја спроведе Институтот за политички истражувања (ИПИС), како дел од публикацијата „Ставови и перцепции за
војната во Украина (анализа и истражување на јавното мислење)“, чиј автор е Александар Спасеновски, вонреден професор на Правниот факултет.

Со вкрстување на одговорите на испитаниците со нивната партиска афилијација, според анкетата, тие можат да се диференцираат во две групи. Во првата група влегуваат испитаниците кои не ја оправдуваат воената агресија на Русија врз Украина, при што највисоко ниво на неодобрување на руската воена агресија врз Украина има кај симпатизерите на ДУИ (64,3 отсто), по што следуваат симпатизерите на АА (61,85 отсто), на СДСМ (55,8 отсто), на Алтернатива (53,3 отсто), на ВМРО-ДПМНЕ (52,6 отсто) и на БЕСА (44,4 отсто). Во втората група, пак, влегуваат оние испитаници што ја оправдуваат воената агресија на Русија врз Украина, при што највисоко ниво на одобрување на руската воена агресија врз Украина има кај симпатизерите на
партијата Левица (56,1 отсто).

Во врска со второто прашање, евидентно е дека најголем број од испитаниците сметаат дека „некој друг“ е одговорен за воената инвазија на Русија врз Украина.

Одговорите на следното прашање: Дали имате или немате разбирање за мотивите на Русија да отпочне воени дејствија во Украина? – упатуваат на заклучокот дека има целосно поклопување на перцепциите на испитаниците, според нивната партиската припадност, со јавно прокламираните позиции на партиите и нивните раководства, а во врска со воените дејствија.

Па така, повеќе од 50 отсто од членови или симпатизери на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алтернатива и Алијанса за Албанците се изјасниле дека немаат разбирање за мотивите на Русија да ја започне воената инвазија. Повеќе од 40 отсто од членови/симпатизери исто така се изјасниле дека немаат разбирање. Од друга страна, 56 отсто од анкетираните членови/симпатизери на Левица, се изјасниле дека имаат разбирање, додека 34 отсто рекле дека немаат.

Понатаму, 61,2 отсто од испитаниците изјавиле дека не ја оправдуваат помошта во оружје и опрема што Северна Македонија ѝ ја дава на Украина, додека 26,1 отсто изјавиле дека ја оправдуваат помошта.

Споредбата на одговорите од првиот дел на ова истражување со одговорите од овој дел, упатува на заклучокот дека граѓаните ја осудуваат руската воена агресија врз Украина, но покажуваат резервираност во врска со вмешувањето на Северна Македонија преку помош во оружје и опрема за Украина, како и преку економски санкции врз Русија, пишува во анализата.

Највисоко оправдување има кај симпатизерите на албанските политички партии – Алтернатива, ДУИ, АА и БЕСА, додека највисоко противење има кај Левица (90 отсто), ВМРО-ДПМНЕ (77 отсто) и СДСМ (53,7 отсто), во врска со помошта во оружје.

Понатаму, високи 63,9 отсто од испитаниците сметаат дека војната во Украина има големо
влијание врз зголемените цени на електричната енергија во земјата, наспроти 13,2 отсто кои сметаат дека нема влијание, односно има многу мало влијание.

Исто така, високи 69,2 отсто од испитаниците сметаат дека војната во Украина има големо влијание врз зголемените цени на горивата во земјата, наспроти 12,9 отсто кои сметаат дека нема влијание, односно има многу мало влијание.

Конечно, високи 67,6 отсто од испитаниците сметаат дека војната во Украина има големо влијание врз инфлацијата во земјата, наспроти 14,6 отсто кои сметаат дека нема влијание, односно има многу мало влијание, се вели во резултатите од анкетата.

Следното прашање се однесува на исходот од војната во Украина. Така, 34,5 отсто од испитаниците изјавиле дека војната во Украина ќе заврши со отстапување на дел од територијата на Украина на Русија, што претставува најголема група; 15,3 отсто со целосна воена победа на Русија; 10,1 отсто
со целосно повлекување на Русија од Украина и 8,1 отсто со целосна воена победа на Украина. Речиси 30 отсто од испитаниците немале одговор на ова прашање.

Доколку се вкрстат одговорите на испитаниците со нивната партиска афилијација, може да се заклучи дека кај сите испитаници, независно од тоа на која партија се симпатизери, најчестиот одговор е дека војната во Украина ќе биде причина светот во иднина да се соочува со многу повеќе нестабилност и воени конфликти.

Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.