Анализи: Се помалку млади во државата и недоволно средства за политики за млади
Бројот на млади од 15 до 29 години во државата значително се намалува, населението старее со 6% помалку млади споредено со пописот во 2002 година покажуваат наодите од анализата „Млади и Попис“.
Во пресрет на Меѓународниот ден на младите, Фондацијата за демократија на Вестминстер организираше Конференција за млади на која се промовираа две анализи за млади и младински политики проследени со панел дискусија со претставници од институциите и младинскиот сектор.
„Во 2002 година 24% од населението биле млади, додека пак во 2021 – 18 % од населението се млади. По степенот на образование, најголем дел од младите (48%) се со завршено средно образование, по што следат 30% со завршено основно образование и 14% со завршено високо образование. Иако има пад во младинската невработеност, која согласно последниот попис изнесува 28%, сепак оваа стапка е за 15% повисока од онаа во Европската Унија,“ пишува во податоците.
Анализата „Финансирање на младинското учество и политики“ покажува дека иако Законот за младинско учество и младински политики донесен во 2020 година пропишува издвојување на 0,3% од буџетот на национално ниво и 0,1% од буџетот на локално ниво за млади – за институциите сѐ уште е нејасно што се подразбира со ова.
„Од тие причини, не може да се утврди колку точно средства се двојат за младински политики. Најголемиот дел од државниот буџет за млади се издвојува за Агенцијата за млади и спорт, но само 4%-5% се трошат на програмата млади, наспроти програмата спорт. Расходите на АМС поврзани со млади, изнесуваат 0,008% од вкупните расходи од државниот буџет. Овој закон предвидува и формирање и на младински центри во сите општини најдоцна до 2025 година, а во моментов само во 8 општини младите имаат пристап до младински центар. Државата мора итно да почне да ги третира младинските политики како суштински и стратешки приоритет на државата, и уште поважно – да креира стратегии за долгорочно справување со демографските промени во државата и нивните ефекти“, стои во препораките на анализите.
Настанот го отвори Доминик Роудс, раководител за политика и комуникација во Британската амбасада кој истакна дека да се биде млад човек понекогаш значи дека е тешко да бидеш слушнат.
„Важно е институциите да ги гледаат младите како приоритет, не само за прашања како образование и вработување, туку и области како ментално здравје, социјална заштита и квалитет на живот,“ рече Роудс.
По него се обрати и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски кој потенцираше декаАгенцијата ги следи младинските состојби и се залага за подобрување.
„За АМС е важно преку соработката со тела, како Клубот на млади пратеници и слушање на препораките кои стигаат до нас, да креираме соодветни политики или да отвориме процеси за измени – како што е сега процесот за измени на Законот за млади,“ рече Мојсовски.
Младите мора да се најдат на листата на приоритети за да се решат нивните проблеми, рече директорката на Фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија, Дона Костуранова.
„Во држава со се помалку млади луѓе мора повеќе да се вложува за да се подобри нивниот живот и иднина во земјата,“ додаде Костуранова.
На настанот се обратија и Ѓорги Тасев, советник за млади и младински политики во Владата на Република Северна Македонија, Мариана Ангелова, НМСМ, Апостол Симовски, директор на Државен завод за статистика и Александра Наќева Ружин, советничка на министерот за финансии.
Заклучоците од дискусијата и наодите од анализите ќе послужат за идната работа на ВФД со институциите и носителите на одлуки. Настанот е организиран во рамки на проектот „Практикувај Демократија“ имплементиран од Фондацијата за демократија на Вестминстер, а финансиран од Британската Амбасада.
Дума.мк