Денес се празнува Рождество на Пресвета Богородица
Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко ѝ беше од племето Давидово, а мајка ѝ од родот Аронов. И така, таа по татко беше од царски, а по мајка од архијерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Кој од неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник. Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семоќниот Бог Кој гледа сè ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа. Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна. Бог им даде само една ќерка, која подоцна им роди само еден внук – но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата – тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а по три години одведена во храмот јерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот Архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од нејзиното пречисто и девствено тело.