До крајот на неделата стабилни и суви денови, но по котлините ќе има магла
Објавено: 11 ноември, 2025, во 08:26 часот
„Под влијание на висок воздушен притисок (Антициклон) и на стабилна и сува воздушна маса од утре, среда, 12 ноември, се до крајот на оваа недела во Македонија времето ќе биде стабилно, суво и сончево со појава на мала до умерена локална облачност. Ќе биде претежно тивко а наутро ќе биде и значително поладно поради разведрувањето со температури кои на повеќе места ќе се спуштаат до околу или за неколку степени под нулата па така на повеќе места се очекува појава на утрински мраз и на слана.
Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 13 до 19 степени.
Во Скопје и околината ќе имаме слично време. Наутро ќе биде значително поладно со температура која ќе се спушта близу 0 степени а преку ден максималната температура ќе се искачува до околу 15 или 16 степени.
Во ноќните и во претпладневните часови по котлините и по речните долини ќе има појава на магла и на ниска облачност која ќе условува намалена видливост, односно локално маглата ќе биде доста густа. Апелирам возачите да внимаваат како управуваат со своите возила,“ соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


