Точно било, увезената српска пченица имала зголемено присуство на тешки метали!

Објавено на 4 април, 2013 во 07:56

Во три мостри од петте пратки од увезената српска пченица пред еден месец, е утврдено зголемено присуство на тешки метали, објави Фактор.

Засега не е познато за колкаво количество на затруена пченица се работи, што ќе се случи со спорните количества, дали некои количини завршиле во промет ниту пак што ќе биде со останатите количини на пченица во магазините на увозниците. Спорната пченица беше увезена во земјава пред еден месец и тогаш од АХВ беше кажано дека се испратени мостри од сите пет пратки на супер анализа, но досега во јавноста сеуште не излезе официјално известување за резултатите од дополнителните испитувања.

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија, во рамки на своите редовни активности, при контрола на храната од увоз на граничните премини, утврди зголемена концентрација на тешки метали над дозволените граници пропишани со Правилникот за општите барања за безбедност на храната. Согласно законските процедури, целокупната количина на сомнителната пченица се наоѓа под надзор на Агенцијата за храна и ветеринарство на местото на истовар, и за истите е издадено соодветно Решение за забрана за пуштање во промет. Бидејќи од страна на увозниците е побарано допонително лабораториско испитување (суперанализа), согласно утврдената процедура испратени се мострите од сите пет пратки, изјавија пред еден месец од АХВ.

Се работи за пет пратки на печница увезена од Србија со вкупна тежина од 330.220 килограми, набавена од два различни добавувача а наменета за три големи македонски мелнички капацитети. Од АХВ уште тогаш соопштија дека  спорните количества се наоѓаат во карантин и дека ќе се чекаат резултатите од супер- анализите. Тврдеа дека ниту грам од количествата не завршиле во промет односно во производство на брашно и леб, бидејќи првичните анализи биле направени уште на граничниот премин кога пристигнале шлеперите. Од АХВ уште тогаш предупредија дека по добивањето на резулатите ќе постапат согласно законските прописи.

Македонските мелничари уште кога излезе информацијата дека во увезената српска пченива првичните контроли покажале зголемено присуство на тешки метали, побараа да се испита и српското брашно. Според нив доколку тешките метали се присутни во пченицата тогаш затруено е и увезеното брашно од Србија. Но, досега во јавноста немаше информација дали ваквите контроли се направија.Оттука се поставува и прашањето, знаеме ли какво увозно брашно јадеме.

„Апелираме истите контроли да се направат и на српското брашно, бидејќи ако пченицата е затруена, логично е зголемена концентрација на тешки метали да има и во српското брашно што го увезуваме. Исто така бараме да продолжат контролите и да се контролира се што влегува, навреме да бидеме известени за евентуални позитивни резулатите за присуство на тешки метали во пченицата и брашното, да не се прават манипулации“ изјави пред речеиси еден месец Николчо Ѓорѓиев, претседател на мелничко-пекарската групација во Стопанската комора на Македонија.

Текстот во целост прочитајте го на Фактор.мк.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.