Субвенциите го „дупнаа“ буџетот!
Податоците кои доаѓаат од Министерството за финансии говорат дека во март во државната каса имало драматично висок буџетски дефицит. Во третиот месец од годината буџетската дупка била 78,5 милиони евра или 27,3 % од предвидениот дефицит за цела 2013 година, анализира „Утрински“.
Главната причина за таквата состојба со државната каса била исплатата на големите суми субвенции во земјоделскиот сектор.
Понатаму се додава дека трошење на повеќе пари од тоа што се слевале приходи имало и првите два месеца од годината. Само за првиот квартал дефицитот се искачил на 185,7 милиони евра.
Ако се има предвид дека за годинава Владата прогнозираше буџетскиот дефицит да достигне 287,7 милиони евра, тогаш излегува дека во претстојните девет месеци е дозволено да се направи буџетски дефицит од само 102 милиони евра. Како тоа ќе и’ успее на власта ќе биде интересно да се види во наредниот период.
Ваквата состојба наметнува сериозно намалување на расходите, што значи сериозно стегање на ременот и сечење на многу трошоци што досега биле правени, или, пак, прибирање на повисоки приливи во државната каса од даноци и од други давачки, што е крајно неизвесно со оглед на тешката економска состојба во која се наоѓаат компаниите и граѓаните.