Започнати подготовките за изградба на далноводот Битола – Елбасан!
По четири години ќе треба да профункционира новиот 400 киловолтен интерконективен далновод што ќе ги поврзува Македонија и Албанија.
Денеска во Тирана, Албанија, генералните директори на електропереносните системи МЕПСО и ОСТ, Синиша Спасов и Арбен Иброја, ги договорија подготовките и начинот на финансирањето на изградбата.
Средбата се одржа откако беше подготвена физибилити студија за исплатливост на проектот, изработена од консултантската куќа COWI и е финансирана со грант од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и германската банка KfW.
Сега ќе треба да се потпише техничкиот меморандум и да бидат разменети диспечерски кадари од двете компании.
Изградбата на далновод ќе чини над 68 милиони евра. Македонија ќе треба да инвестира 43,5 милиони евра и вклучува изградба на 95 километри далновод од Битола до македонско-албанската граница и изградба на нова трансформаторска станица во близината на Охрид, во месноста Ливоишта.
Изградбата на далноводот ќе се финансира со кредит од меѓународни финансиски институции.
