Македонските винарии на саем во Кина!
Тиквеш, Стоби, Сковин, Далвина, Попов, Бовин, Камник, Дудин, Езимит, Имако и Попова Кула се македонските винарии кои заедно се претставуваат на десетото издание на саемот Интервине во Кина. Заедно со виното се презентираат и туристичките и инвестиционите потенцијали на Македонија.
Ова е најголемиот саем во облата Гвандонг, јужна Кина на кој своите вина ги презентираат повеќе од 500 изложувачи од 20 земји од светот и истиот привлекува повеќе од 20.000 увозници и дистрибутери на вино од цела Кина.
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија согласно програмата за поддршка на извозот на македонски производи обезбеди финансиска поддршка за простор и штанд од 120м2 за македонски компании производители на вино.
Во рамките на саемот е предвидена дегустација на македонските вина од сортата Вранец која ќе ја води реномиран сомелиер, прес конференција и презентација за Македонија како туристичка и инвестициона дестинација за љубителите на вино.
На натреварот за вино кој се одржа во склоп на Саемот учествуваа 130 вина од 20 земји од светот, наградени беа македонските вина: Вранец Веритас 2011 од винаријата Стоби за најдобро црвено вино, како и виното Дисан 2010 од винарија Бовин за најдобро оценето вино во категорија најдобар сооднос на цена и квалитет.