Штрајкувачите од „Еурокомпозит„ се заканија со протест пред Влада!
Осми ден од генералниот штрајк на вработените во прилепската фабрика „Еурокомпозит“ и нема решение за проблемите на работниците.
На средбата со министерот за економија Ваљон Сараќини, синдикатот, добил ветување за излез од кризата во која се наоѓа фабриката, пренесе Плусинфо.
Според претседателот на синдикатот, Бранко Чатлески, в недела ќе треба да остварат средба и со премиерот Никола Груевски. Чатлески изјави дека работниците немаат пари и се оставени без сини картони, бараат начини за преживување и не веруваат дека нешто брзо и ефикасно ќе се случи. Многумина од вработените доброволно бараат да бидат прогласени за технолошки вишок за да можат да се оперираат.
И директорот Никола Лучески нема конкретно решение за проблемот, бидејќи фабриката никој не сака да ја купи на распишаните тендери.
Синдикатот предупреди дека доколку Владата не најде решение за заостанатите плати и иднината на фабриката работниците ќе излезат на заеднички протест со вработените од Тутунскиот комбинат, загубарите од ЕМО Охрид и вработените во ОХИС.