Србија: Брат за брат, пченица за вино
Пристигнаа реакции на одлуката на македонската влада да се ограничи увозот на пченица од Србија.
Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, усмено му соопштил на српскиот министер за трговија, Расим Љајиќ за одлуката. Имено, влада ги обврзува македонските увозници да купат два килограма домашна пченица ако сакаат да увезат килограм жито.
Од Србија сметаат дека ова ограничување не е во согласност со Централноевропскиот договор за слободна трговија. Љајиќ побарал вонредна седница на ЦЕФТА и се заканува дека ќе го лимитира увозот на домати и вино од Македонија.
„Македонската Влада веќе четврта година по ред ја носи истата мерка, која е во сила два-три месеци, додека не се закаже седницата на секретаријатот на ЦЕФТА. Потоа, таа одлука се повлекува и постојано ја водиме истата борба. Резервна опција е и ние да повлечеме некои реципрочни мерки, поради што не сме среќни, но немаме друг избор“, изјави Љајиќ за Блиц.
Огромни количини на домати и вино се извезуваат од Македонија во Србија. Домашните произведувачи се плашат од одлуката на српскиот министер.
Л.С.