Банкротираше градот Детроит

Објавено: 19 јули, 2013, во 07:46 часот

Американската метропола Детроит, некогашниот светски центар на автомобилската индустрија, вчера прогласи банкрот. Градот, кој со децении се соочува со економско опаѓање, криминал и корупција, веќе не е во состојба да ги исполнува сите свои преземени обврски кон доверителите, градските служби и пензиските фондови за поранешните градски вработени.

Обидот со ангажирање на економскиот експерт Кевин Ор да се изнајде компромисно решение и да се избегне банкротот тежок 18,5 милијарди долари, заврши неуспешно, јави дописникот на МИА од САД.

– Граѓаните на Детроит заслужуваат јасен излез од сегашниот циклус на постојано влошување на услугите што ги добиваат. Доверителите на градот, како и неговите многубројни посветени јавни службеници, заслужуваат да знаат кои ветувања градот може, а кои не може да ги исполни. Единствениот начин радикално да го преструктуираме градот е ако дозволиме повторно да се пронајде себеси, без товарот на обврските кои е невозможно да ги исполни, изјави Рик Снајдер, гувернер на сојузната држава Мичиген, каде Детроит е главниот економски центар.

Прогласувањето банкрот значи дека некои од банките и финансиските корпорации кои купувале обврзници издадени од градот ќе загубат до 90 проценти од нивниот влог.

Прогласувањето банкрот значи дека некои од банките и финансиските корпорации кои купувале обврзници издадени од градот ќе загубат до 90 проценти од нивниот влог.

Иако американските градови и општини понекогаш прогласуваат банкрот како можност да излезат од своите натрупани обврски, при што неодамна банкротираше калифорнискиот град Стоктон со 300.000 жители и долг од милијарда долари, сепак банкротот на Детроит е без конкуренција најголем од ваков вид во историјата на САД.

Градот се соочува со драматично уништување, и од 1,8 милиони жители во 1950-те години, сега брои само околу 700.000. Масовното бегство на граѓаните, особено од средната класа, остави големи пространства во Детроит празни, со напуштени куќи во кои се вселени криминалци и бездомници.

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.