Ставревски: „Јужен тек“ основа на гасификацијата на Македонија
Објавено: 25 јули, 2013, во 15:08 часот
Проектот „Јужен тек“ ќе ја забрза гасификацијата во Македонија , изјави денеска министерот за финансии Зоран Ставрески, пренесе Плусинфо.
– Во Договорот за вклучување во „Јужен тек“ се предвидува „Гаспром“ и македонската државна компанија „Македонски енергетски ресурси“ заеднички да работат на техничкото решение од која страна ќе доаѓа кракот од гасоводот за Македонија и како технички ќе биде изведен. Очекуваме во блиска иднина да биде завршено тоа ѝ Македонија да добие дополнителни количества гас – рече Ставрески.
Ставрески нагласи дека со тоа што преку „Јужен тек“ ќе бидат обезбедени дополнително количество гас и стабилен извор на гас до македонската граница, се создаваат можности да се реализира и проектот за изградба на внатрешната гасификациска мрежа која ќе се финансира со парите од клириншкиот долг со кредити од ЕБРД и други извори.
Изградбата на секундарната мрежа во Македонија, според министерот, ќе чини околу 300 милиони евра. За првата фаза се обезбедени вкупно 75 милиони американски долари од кои 60 милиони се од клириншкиот долг на Русија кон Македонија, а со 15 милиони ќе учествува Македонија во реализацијата на тој проект.
