Нова Љубљанска банка со загуба
Објавено: 26 јули, 2013, во 14:25 часот
Нова љубљанска банка (НЛБ), забележила загуба од 91 милион евра во првата половина од годината. Негативниот биланс на најголемата словенечка банка се должи најмногу на отпишување на побарувањата и пониските приходи од каматни стапки, пренесе Франс прес.
Споредено со истиот период лани НЛБ остварила профит од 32,3 милиони евра. Сепак поради лошите кредитни пласмани на крајот на минатата година имала загуба од 237,5 милиони евра.
Акционерите на НЛБ во јуни одобрија зголемување на капиталот за 500 милиони евра, кој покрај трансферот на токсични заеми во „лошата“ банка БАМЦ, има за цел осигурување на адекватноста на капиталот и стабилизација на работата.
Словенечкиот парламент минатата година формираше „лоша“ банка за да можат трите најголеми банки да се ослободат од ризичните кредити во вкупна вредност од седум милијарди евра.
