ЈАТ замина во историјата – го наследи Ер Србија
Објавено: 2 август, 2013, во 14:28 часот
По 66 години ЈАТ престана да постои со одлука на Српската влада која потпиша Договор за стратешко партнерство со националната воздухопловна компанија на Обединетите Арапски Емирати, Етихад. Од договорот се очекува Србија да стане регионален лидер во воздушниот сообраќај.
Компанијата Етихад превзема 49 отсто од ЈАТ ервејс и управувачките права, додека државата Србија со 51 отсто ќе остане мнозински сопственик на националниот авиопревозник, на чии авиони во иднина ќе пишува Ер Србија, ќе стои српското национално знаме и заштитниот знак на компанијата Етихад.
„Новиот бренд Ер Србија ќе биде раскинување со минатото, но не и раскинување со традицијата. Ер Србија ќе биде најсигурен превозник“, истакна првиот човек на Етихад, Џејмс Хоган.
Тој најави 10 нови авиони Ербас А319, како и план тие наскоро да бидат заменети со уште помодерните авиони Боинг 737.
