„Јужен тек“ продолжува – Москва и Брисел ќе ги усогласуваат разликите
Русија нема да мора да ги ревидира меѓудржавните спогодби со земјите низ кои ќе минува гасоводот „Јужен тек“, а кои беа оспорени од Европската комисија,оти не се согласуваа со европското право, jави Плусинфо.
Русија и ЕУ се договорија за понатамошна соработка за проектот кој ќе задоволи 15 отсто од потребите на Европа од природен гас до 2018 година, објави „Russia Today“ повикувајќи се на изјава на европскиот комесар за енергетика Гинтер Отингер за рускиот весник „Ведомости“.
– Москва и Брисел ќе пронајдат начин да се почитуваат претходните меѓувладини спогодби што „Газпром“ ги постигна со земјите на трасата – изјавил Отингер.
Отингер се сретна со рускиот министер за енергетика Александар Новак во Москва во петокот, а двете страни се договориле да се формира комисија за решавање на технички и правни детали на гасовод, кој ќе биде долг 2.400 километри, а до 2018 година ќе има капацитет од 64 милијарди кубни метри природен гас за Европа.
– „Јужен тек“ може да функционира нормално според законите на Европската комисија – изјавил рускиот заменик- министер за енергија Анатолиј Јановски.
Претходно, Брисел бараше преиспитување на билатералните договори за изградба на гасоводот што Русија ги потпиша со трети земји, меѓу кои и Македонија, со образложение дека тие се во спротивност со Третата рамковна програма за енергетика на Унијата.