Ловиштата под концесија со електронска аукција
Во тек е јавниот повик за издавање под концесија на вкупно 39 ловишта во 11 региони, а за првпат годинава концесиите ќе се доделуваат преку електронска аукција, информираат од Владата.
Фактор јави дека Владата имала за цел да се избегне човечкиот фактор во одлуката за тоа кој ќе стопанисува ловиштата. Крајниот рок за пријавување е 18-ти март.
Од вкупниот број ловишта, 26 се за ситен дивеч и тие ќе бидат дадени под концесија на 10 години, а 13 ловишта се за крупен дивеч и за нив концесијата ќе биде 20 години.
„Покрај домашните здруженија на ловци, може да конкурираат и надворешни компании коишто се заинтересирани да го вложат својот капитал во развивањето на ловниот сектор во Република Македонија“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
Во Македонија има вкупно 264 ловишта од кои досега 204 се веќе дадени под концесија, за 39 постапката е во тек, а за останатите 24 концесијата истекува во 2015 година.