Груевски се сретна со извршниот директор на ММФ
Премиерот Никола Груевски оствари средба со извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Мено Снел, соопшти владината прес служба,јави Плусинфо.
„Премиерот Груевски истакна дека Владата на Република Македонија го дава максимумот на полето на обезбедување на долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува околу 2 отсто во последните 10 години, како и обезбедување на низок буџетски дефицит. Премиерот Груевски го запозна соговорникот и со поволниот даночен пакет кој го нуди државата во насока на привлекување на инвестиции. Тој посочи дека во делот на даночниот систем воведен е најповолен пакет на рамни и ниски даноци и се поедноставени постапките за нивно пријавување и плаќање преку реформи во даночната администрација. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10 отсто што е најниско ниво во Европа, а од оданочување ја ослободивме задржаната добивка која не се распределува во дивиденди, истакна премиерот Груевски“, се наведува во соопштението.
Извршниот директор на ММФ оценил дека Република Македонија води стабилна даночна политика и макроекономски е стабилна.
„Поседувањето на јасна визија, амбиција и стабилност е она што го бараат и ценат инвеститорите, додаде Снел. Тој потенцираше дека Република Македонија успева да изгради позитивна слика за реформите кои ги спроведува што допринесува за одржување на добра репутација значајна за странските инвеститори. На крајот соговорниците изразија подготвеност за продолжување на соработката и размена на искуства кои ќе придонесат за полна реализација на реформите и економски развој“, соопшти владината служба за информирање.