По еден денар од повик на фиксен телефон
Сите телефонски повици во фиксната телефонија во земјава од 1 март ќе станат национални и ќе се изедначат во цената. Повиците и од еден во друг град и во ист град ќе добијат единствена поевтина цена од еден денар, наместо три денари колку што изнесуваше националниот разговор до сега, најави директорот на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Ордановски.
„Се брише границата меѓу повици во еден град или повици од еден кон друг град, како што беше пракса порано. Сега сите стануваат национални односно локални повици со цена од еден денар“, рече Орданоски.
Извесно намалување ќе има и кај повиците од фиксена на мобилен телефон, па повик од фиксен телефон на „Македонски телеком“ кон мобилен наместо досегашните 9,99 денари од први март ќе изнесува 6,99 денари.
Агенцијата за електронски комуникации побара од операторите да се однесуваат поодговорно кон клиентите, а во последниот период биле забележани два поголеми случаи во кои довербата на клиентот била изиграна – наградни игри што ги организираат операторите и продажба на активни припејд картички.