„Макпрогрес“ отвора нови погони
Компанијата „Макпрогрес“ од Виница инвестираше 3 милиони евра во два нови производни погони за кондиторски производи во Виница и производи за здрава исхрана во Скопје, соопшти денеска првиот човек на компанијата Глигор Цветанов.
– Месецов двете инвестиции ќе донесат на виделина 50 нови производи од производното портфолио на „Макпрогрес“ наменети за домашниот и странскиот пазар, при што планираме да се позиционираме уште во 20 -тина нови држави и да извезуваме во вкупно 60 земји во светот – вели Цветанов.
Новиот бренд „Натура“ ќе се произведува во погонот во Скопје кој компанијата го презела од фабриката за здрава храна „Фелтон“.
– Производите од новиот бренд се создадени од совршен баланс на квалитетни, природни и внимателно одбрани состојки изработени со најсовремената технологија по стандардите Халал и Хасап и со врвен квалитет. Брендот содржи 30 здрави производи меѓу кои оризови плочки, мусли, корнфлекс, житни снегулки, производи од соја, сокови, засладувачи. Производите ја носат и ознаката за вегетаријанска храна – појасни технологот на брендот, Љубица Трајановска.
Овие производи, посочи геренралниот директор на компанијата, Цветанов, веќе ги има во неколку продажни капацитети, но за неколку месеци ќе ги има во целокупната продажна мрежа во земјата и во странство.