Пред Русите претставен македонските туристички дестинации
Културното и природното богатство, традиционално подготвената храна и убавото вино се главните адути, со кои Македонија се претстави на Саемот за туризам во Москва, Русија, кој се одржа од 19-ти до 22-ри март, јави Охрид њус.
– Промоцијата на Република Македонија на овој саем е исклучително важна, ова е еден од најважните саеми во Руската Федерација на која се промовираат речиси сите туристички дестинации. Мислам дека позитивното искуство говори, со оглед на тоа дека од година во година имаме се поголем број на туристи кои сакаат да ја посетат Република Македонија, но зголемен е и бројот на тур-оператори кои имаат интерес за соработка со нас, изјавил за медиумите Илија Исајловски, Амбасадор на Република Македонија во Русија.
На саемот на кој годинава учествувале повеќе од 1800 компании и биле претставени вкупно 198 туристички дестинации, Македонија се претставува по трет пат.
–Охрабрени од резултатите од минатогодишниот настап, како и од покажаниот интерес од страна на руските туроператори и од руските граѓани на овогодишниот саем за туризам, оваа година одлучивме да настапиме поагресивно на рускиот пазар при што ќе вклучиме презентации пред руски туроператори за претставување на атрактивноста на Република Македонија како туристичка дестинација, а воедно и подетални информации за можностите за користење субвенции кои предизвикаа интерес кај руските туроператори, изјавил за медиумите Кристијан Џамбазовски, директор на Агенција за поддршка и промоција на туризмот на Република Макдонија.
Освен презентации, кампањата во Русија ќе вклучува и претставување на Македонија како туристичка дестинација во пишани и електронски медиуми, но и организација на информативни патувања во Македонија на веќе заинтересираните туроператори и новинари, како и организација на денови на македонскиот туризам во соработка со Амбасадата во Москва.