Зголемен бројот на работници во преработувачката индустрија а намален во рударството
Бројот на работниците во индустријата во февруари 2014 година е зголемен за 6,8 отсто во однос на истиот месец од претходната година, објави државниот завод за статистика.
Зголемување на бројот на работници од 8,1 отсто за една година (февруари 2013 – февруари 2014 година) има во секоторот „преработувачка индустрија“ каде што секторот „производство на моторни возила, приколки и полуприколки“ предничи со зголемување на бројот на работници од 170, 6 отсто.Текстилната индустрија бележи пораст на бројот на вработени од 58,6 отсто, а преработувачките на тутунски производи од 20,1 отсто.
Наспроти овие сектори за една година бројот на работници во секторот „рударство и вадење камен“ е намален за 0,8 отсто, а секторот „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ за 0,7 отсто.
Според главните индустриски групи, бројот на работниците бележи пораст кај интермедијарни производи, освен енергија за 0,9 отсто, Капитални производи за 75,4, трајни производи за широка потрошувачка за 3,3 и нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,4 отсто, додека опаѓање има кај енергија за 1,8 отсто.