Овој март поскап од ланскиот но поевтин од претходниот месец
Трошоците на живот во март се зголемиле за 0,2% во споредба со истиот месец лани, а се намалиле за 0,3% во споредба со февруари 2014 година, покажаа податоците на Државниот завод за статистика.
Од ланскиот март до овој најмногу поскапеле здравствените услуги (за 10,2%) и алкохолните пијалоци и тутунот (за 5,5%). Во последниот месец, пак, од февруари до март, поскапување има во трошоците за рекреација и култура (за 0,6%).
Пораст на индексот на трошоците на животот во март 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото овошје за 3.4%, преработките од зеленчук за 1.8% и замрзнатиот зеленчук за 1.0%.
Намалување на цените од март 2013 до март 2014 година има во делот на транспорт (за 2,3%), домување, вода, електрика, гас и други горива за (1,7%) и ресторани и хотели (за 1,7%).
На месечно ниво, од февруари до март годинава, најзабележително паднале трошоците за комуникации – за 1,8%.