Со чартер лет доаѓаат првите туристи во Охрид од Амстердам а ХОТАМ смета дека треба повеќе
Главната туристичка сезона на охридско – струшката ривиера започнува на 2-ри мај со првиот чартер лет на туроператорот „Корендон“ од Амстердам до аеродромот „Св. Апостол Павле“, со кој ќе допатува првата група туристи од Холандија и Белгија, јави Охрид њус. Годинава „Корендон“ ќе оперира со 3-4 лета неделно, а извршен е и поголем закуп на хотелските капацитети во Охрид и Струга.
– Оваа година туристичката сезона започнува на 2 мај и ќе трае до средината на октомври. „Корендон“ ќе има чартер летови со гости од Холандија и Белгија три пати неделно, а во главната сезона четири пати.Туроператорот оваа година го има зголемено закупот на сместувачките капацитети во хотелите, а со тоа може да очекуваме дека бројот на туристи во хотелите во Охрид и Струга ќе бидат побројни од минатата година. Лани имавме околу 10.000 туристи, а оваа година очекуваме зголемување од 20-30 процент, рече Асим Меџедовиќ,извршен директор на “Фибула Ер Травел”.
–Турските туристи оваа година за прв пат ќе доаѓаат со директни чартер летови на охридскиот аердодром што е новина. Гостите ќе престојуваат во Македонија стационарно со 7 ноќевања, што беше и главна цел бидејќи претходно тие туристи престојуваа по еден до два дена во земјава. Со тоа ќе има поголем бенефит и за хотелите и за туроператорите, а и целиот регион ќе има поголем профит. Планираме со чартерот од Анталија да доаѓаат гости од цела Турција кои ќе престојуваат во Охрид и Струга, додаде Меџедовиќ.
Оптимизмот дека претстојната сезона ќе биде побогата го делат и од Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ. Претседателот на асоцијацијата Дончо Танески вели дека според досега извршените резервации и најави годинава на крајбрежјето на Охридското Езеро се очекува да престојуваат над 25.000 странски гости, што е повеќе од минатата година. Но, тој изразува загриженост за долгорочниот развој на туризмот доколку не се отворат нови чартер линии од други дестинации кон Охрид, бидејќи веќе вопставените со земјите од БЕНЕЛУКС се експлоатираат четврта година, а оптимален период е од 5-7 години.
–Жалосно е што сме во петта година од потпишувањето на првите договори со туроператорите од БЕНЕЛУКС со кои тие воспоставија чартер летови и потпишаа договори за фиксен закуп на хотелските капацитети на охридско струшката ривиера во период од 160 – 180 дена во годината, ние немаме анимирано нова земја, нов тур-оператор иако Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот интензивно во овие 4 години ги посетува најважните саеми и се организираат фантрипови за тур-оператори, тоа не вроди со плод, што значи некаде имаме направено превид, грешка која мораме да ја отклониме. Некоја од кариките кои мора да ги покренеме да дојдат поголем број, но сериозни туроператори кои ќе можат да воспостават уште некој чартер ја пропуштаме, ја немаме. Ако не се разбудиме нема да имаме зголемување на бројот на гости, туку ќе имаме опаѓање, предупредува Танески.
Во однос на намалениот број домашни гости на охридската ривиера, тренд присутен последните години, Танески смета дека тоа е така поради нискиот стандард на македонскиот граѓанин и желбата да се отпатува во странство.
–Знаеме кој е стандардот на нашите граѓани, голем број од нив не можат да си дозволат да издвојат средства и за викенд, а тие што можат пред се ги избираат аранжманите во странство, па се очекува и оваа година да имаме повеќе странски отколку домашни туристи, истакна Танески.