Дојче веле: Оценките на ММФ и нивниот ефект
Експертите не се изненадени од оценките на Мeѓународниот монетарен фонд. Ќе ги изненади Владата, доколку сериозно ги прифати и критиките, а не само пофалбите.
Оценките на ММФ за македонската економија по двонеделното скенирање, кои во делот на растот се идентични со владините, според експертската јавност се охрабрувачки. Сепак, фактот оти и покрај оценките дека економијата зајакнува, се сугерира и внимателност околу дефицитот, управувањето со долгот и државните резерви, упатува на сериозност во натамошните чекори, коментираат дел од аналитичарите:
„Јасно е дека препораките на ММФ се движат во насока на стабилизирање на нивото на долгот затоа што и политиката која што се препорачува кон земјите од наш тип е дека одржливо ниво на буџетски дефицит е околу 2%. Оттука, стабилизирање на високата стапка на дефицит на среден рок од 3,5% на 2,6% сепак нема да претставува така лесен чекор за сегашната состојба, со оглед на навиките и обемот на јавните расходи, пред се‘ заради нееластичноста на буџетските расходи генерално насочени кон плати, тековно работење на министерствата и други органи на јавната управа. Но сепак, сметам дека тоа треба да се преземе час поскоро. Исто така и во делот на препораката за поголема рестриктивност на монетарната политика. Сметам дека таа е логична во услови кога имаме експанзивна фискална политика и добро е можеби мало затегање на славините кај монетарната политика, пред се‘ водена и од состојбата на намалените девизни резерви, а станува збор за најважната алатка на водење на монетарната политика и оттука таа препорака е корисна и треба да се земе предвид“, коментира универзитетскиот професор Зоран Ивановски.
Во услови на повеќе или помалку очекувани оценки од страна на монетарците, дел од експертите коментираат дека би било изненадување доколку Владата ги сфати сериозно не само пофалбите, туку и критиките за економските политики. Сепак, со оглед на односите со монетарците тоа е тешко да се очекува, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Никола Поповски:
„Познато е дека нашата Влада веќе се години нема аранжман со ММФ, а и кога имаше во време на кризата тој беше само од финансиска природа за покривање на пари за буџетскиот дефицит. Нашите односи со ММФ сега се сведени на формализирани, на следење на состојбата, постмониторинг. ММФ нема веќе големо влијание врз економската политика во Македонија, а нивните забелешки, колку што е видливо, Владата ги прима со голема резерва, не ги уважува, ниту пак се поведува по нив. Тие изразуваат загриженост за растечкиот дефицит, загриженост за растечката задолженост, дури сега видовме и загриженост за девизните резерви кои почнуваат да се топат. Но мислам дека Владата повеќе го третира тоа како обврска која треба да помине за неколку денови и потоа имаат уште една мирна година до идната посета на монетарците. Нема суштински момент, дури и самиот тон со кој ММФ се обраќа очигледно е дека се обраќа кон земја со која нема односи на меѓусебно помагање и почитување. Едноставно, ММФ е исфрлен од игра за актуелната власт, но не и за нашата држава, но за нашата власт веќе е ирелевантен фактор“, коментира Поповски.
Текстот во целост прочитај го тука.