Прилепскиот тутунски комбинат планира двојно зголемување на производството
По завчерашното потпишување на договорот за стратешко партнерство со ,,Филип Морис,, денес во Прилеп средба со новинарите одржа генералниот директор на Тутунскиот Комбинат Александар Дерменџиев.Во новото заедничко друштво би работеле 30-тина луѓе, а останува отворена можноста во наредниот период, ако партнерството се покаже како успешно ,,Филип Морис,, да го приватизира Комбинатот. Дерменџиев Посебен акцент стави на придобивките од стратешкото партнерство:
– Новоформираното друштво ќе има мал број на вработени но ќе располага со едно исклучително силно портфолио на брендови и очекувањата се дека ќе биде екстра профитабилно. Идејата на соработката е во новото друштво Тутунскиот Комбинат да ги префрли своите брендови, да ги даде на лиценцно користење за македонскиот пазар, а истото да го направи и ,,Филип Морис,,. Новоформираното друштво на Тутунски Комбинат ќе му плаќа надомест за производството.
Со партнерството со ,,Филип Морис,, се очекува двојно зголемување на производството односно искористеноста на капацитетот а постепено и зголемување на пазарниот удел на Комбинатот на македонскиот пазар:
– Капацитетот е 8.000 тони годишно со моментна искористеност од 15-20%, а доколку стигнеме до30% би било сосема солидно. Учеството на ,,Филип Морис,, на македонскиот пазар е 4% а пазарното учество на Тутунскиот Комбинат 18%. Така да веднаш добиваме 22% кои многу брзо планираме да ги дуплираме.
Дерменџиев потенцира дека не е тајна дека најголем проблем на компанијата е превработеноста и дека ќе се бараат модели за доброволно намалување на бројот на вработени а еден од моделите е понуда на социјални пакети. Најави реално зголемување на количините на тутун кои би се откупувале но и неповратни значителни инвестиции на ,,Филип Морис,, во зголемување на продуктивноста и модернизирање на опремата и машините за производство на брендовите на Филип Морис, со време и на ,,Малборо,,. Производството на првите цигари, најверојатно ,,Честерфилд,, би почнало до крајот на годината.
Дерменџиев за крај потенцира дека согласно уделот 51% на ,,Филип Морис,, а 49% на Тутунскиот Комбинат првиот човек на новоформираното ДОО,,Филип Морис,, – Тутунски Комбинат ќе го постави мнозинскиот сопственик.