Фактор: Задолжувањето со еврообврзница ќе изнесува половина милијарда евра!
Половина милијарда евра ќе изнесува еврообврзницата што владата планира да ја издаде годинава. Таква одлука е веќе донесена на владината седница што се одржала пред една недела, односно на 9 јули годинава. Одлуката за максималниот износ на сумата и рочноста на еврообврзницата е донесена неколку дена пред заминувањето на двоецот Ставрески и Богов на роуд шоу низ Европа во потрага по инвеститори.
Министрите на владината седница одлучиле максималниот износ на ново задолжување преку издавање на еврообврзница да изнесува најмногу до 500 милиони евра. Официјално, во владината одлука е наведено дека министерството за финансии ќе ја емитува еврообврзницата во третиот квартал од 2014 година, или до крајот на септември.
При тоа е наведено дека, „еврообврзницата се издава за буџетска поддршка во 2014 и 2015 година и за рефинансирање на обврските кои достасуваат по основ на отплата на државниот долг на Република Македонија“, стои во владината одлука.
Рокот на доспевање на еврообврзницата ќе биде до 10 години, во зависност од пазарните услови, интересите и побарувањата на инвеститорите. Номиналната вредност на еврообврзницата достасува на денот на доспевање означен во актот за издавање на еврообврзницата.
„Минималниот износ на номиналната вредност на една еврообврзница изнесува 100.000 евра, или кој било повисок износ кој е делив со 1.000 евра“, стои во владината одлука.
Еврообврзниците ќе бидат котирани и со нив ќе се тргува на Ирската берза за хартии од вредност (Irish Stock Exchange). А, во случај на неисполнување на финансиските обврски кои произлегуваат од еврообврзниците, еврообврзниците може предвремено да достасаат и да бидат платливи. Министерството за финансии ќе ја плаќа каматата на еврообврзниците еднаш годишно.
Груевски – каматата за еврообврзницата ќе биде на историски најниско ниво
Засега нема информација колку ќе изнесува камата по која ќе се понуди еврообврзницата што владата планира да ја издаде. Првата еврообврзница беше издадена со камата од 4,6% во 2005 година, а втората со камата од 9,8% во 2009 година. Според дел од економските аналитичари сега се очекува каматата да не биде пониска од 6%.
Сепак, премиерот Никола Груевски, оекува дека каматната стапка ќе биде историски најниска до сега.
„Претставниците се моментално во Лондон, а јас пред околу еден час разговарав со Зоран Ставрески и ми ги пренесе последните разговори, одат од банка во банка заедно со советниците кои што го уредуваат ова наше роуд шоу и се надевам дека ќе имаат успех во изнаоѓањето на услови со коишто ќе се постигне најниска камата“, изјави вчера премиерот Никола Груевски.
Доколку оваа еврообврзница биде издадена, тогаш таа ќе биде трета по ред. Односно, вклучувајќи ја оваа, актуелната владејачка гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има издадено две еврообврзници. Едната е во мандатот на СДСМ.
Првата еврообврзница се емитуваше во 2005, на износ од 150 милиони евра. Тогаш каматата изнесуваше 4,6 отсто. Таа ќе достаса за враќање следната година.
Втората еврообврзница беше издадена во јуни 2009 година, на сума од 175 милиони евра. Тогаш каматата изнесуваше 9,8 отсто годишно. Оваа еврообрзница беше отплатена во јануари минатата година.
Во 2010 година, владата имаше неуспешен обид за издавање на еврообврзница. Откако пазарот се скенираше владата подоцна се повлече од идејата за издавање на еврообврзница.
Контрадикторни изјави за намената на парите од еврообврзницата
Иако и во официјалниот документ е наведено дека еврообврзницата се издава за буџетска поддршка во 2014 и 2015 година и за рефинансирање на обврските кои достасуваат по основ на отплата на државниот долг на Македонија, сепак премиерот Никола Груевски вели дека државата во овој момент нема потреба од пари кои ќе се добијат со еврообврзница туку дека тие пари ќе бидат потребни дури за следната година.
„Ние во овој момент ја немаме нужноста за такво нешто, затоа што рефинансирањето би дошло следната година на почетокот но, ценејќи дека условите на пазарот споредено со претходните години се идеални, а и не сме убедени дека во иднина ќе бидат подобри, а може и да се влошат, не знаеме. И проценката беше дека сега е вистински момент да се направи чекор и да се добие финансирање под најдобри можни услови, а главно за рефинансирање на претходен долг“, изјави вчера премиерот Груевски.
За разлика од оваа изјава на премиерот Никола Груевски во официјалното соопштение од министерството за финансии, стои дека парите од еврообврзницата ќе бидат за финансирање на буџетските потреби за оваа и следната година, како и исплата на доспеаните обврски и обврските кои ќе доспеваат во наредниот период, вклучувајќи ја и издадената еврообврзница од 2005 година, која доспева во 2015 година, информираа пред неколку дена од министерството за финансии.
Двоецот Ставрески и Богов во потрага по пари
Министерот за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов, од понеделникот се на роуд-шоу низ Европа во потрага по пари. Ставрески и Богов веќе го информирале премиерот Никола Груевски дека посетиле неколку банки, каде се разговарало за условите под кои би се издала еврообврзницата.
Се уште нема официјални информации за заинтересираноста на инвеститорите за еврообврзницата што планира да ја издаде македонската влада. Сепак, неофицијално извори за Фактор брифираат дека некои од потенцијалните инвеститори покажале интерес и од надлежните институции во земјава писмено побарале дополнителни информации за макроекономската состојба на земјата.