ДВ: Задолжувањето опасно расте, стандардот драматично опаѓа
Веќе е потрошен 80 отсто од планираниот буџетски дефицит за годинава, а Македонија пак се задолжува, па последиците од ова ќе се одразат врз џебот на граѓаните и компаниите, предупредуваат стопанствениците.
Македонија се задолжува, цените растат, секој ден се затвора по некоја фирма, вртоглаво паѓа животниот стандард. Жешкото ценовно лето, на граѓаните им носи многу стравувања за тешка економска есен и зима. Продавачите веќе забележуваат дека под притисок на цените драстично се сменети навиките на купувачите, објави Дојче веле.
„Растот на цените го направи своето. Ако претходно се купуваа и многу т.н. незадолжителни производи, денес се купува строго наменски: леб, млеко и евентуално уште еден производ. Ништо друго! Викенд акциите со намалени цени ги претворивме во секојдневни акции, но и тоа не дава ефект. Купувачот влегува, купува два-три производи и излегува. Не ни разгледува! Иако бројот на купувачи е ист како и минатото лето, прометот е драстично намален“, вели продавачка од познат синџир на маркети во Скопје.
Шампиони според џини-индексот
Зголемените цените на струјата, на бензините, на автоосигурувањето и патарините дополнително ќе ја намалат куповната моќ на граѓаните, а тоа најмногу на своја кожа ќе го почувствуваат социјално загрозените лица, чија потрошувачка кошница ќе биде уште посиромашна, оценува Мартин Краљевски од левичарското движење „Солидарност“, кое ги следи сите промени во социјалните права, работните односи и животниот стандард.
„Партиите само декларативно се грижат за оваа категорија на граѓани, а во практика не покажуваат никаква социјална ориентираност. Сите тие фамозни ‘социјални пакети’ за овие лица ги користат за ситни политички поени, а во реалноста проблемите опстојуваат и се продлабочуваат. Логично е да се предвиди дека поскапувањето на струјата само по себе ќе повлече бран на нови поскапувања, пред сѐ кај прехранбените производи, што дополнително ќе го оптовари скромниот семеен буџет на просечниот македонски граѓанин. Тој, според последните синдикални пресметки треба да изнесува нешто повеќе од 32.000 денари за едно четиричлено семејство за да ги задоволи своите најосновни месечни животни потреби, а тоа се средства кои околу 400.000 граѓани не ги поседуваат. Ваквиот факт ги потврдува и податоците на Евростат, според кои, граѓаните во Македонија се на дното на Европа според животниот стандард, со куповна моќ од само 35% од европскиот просек“, укажува Краљевски.
Текстот во целост прочитај го тука.