Велешки „Жито Вардар“ куртули, запрена е предстечајната постапка
Најголемата велешка прехранбена компанија „Жито Вардар“ се извлече од кризната состојба откако успеа да исплати заостанат долг кон својот деловен партнер „Макпетрол“, дознава „Фактор“ од извори инволвирани во претстечајната постапка. Имено, пред извесен временски период „Макпетрол“ заради своите побарувања од „Жито Вардар“ поднел барање и за „Жито Вардар“ била покрената предстечајна постапка. Сепак во одредениот временски период „Жито Вардар“ успеал да изврши исплата на побарувањето по што биле запрена предстечајната постапка.
Велешката прехранбена компанија се најде во деликатна финансиска положба лани. Според билансите што ги објави компанијата минатата година „Жито Вардар“ со загуба од 30 милиони денари (околу 500.000 евра). Според достапните податоци компанијата лани од оператвино работењето годината ја завршила со добивка од 5 милиони денари, а имала вкупни приходи од 319,1 милиони денари. Сепак загубата на крај доаѓа како резултат на расходи од финансирање – ставка која на крајот на 2013 година изнесувала 34,76 милиони денари, а „Жито Вардар“ не можел да ја покрие со приходите од своето редовно работење.
Според билансот на состојба оваа компанија на крајот на 2013 година имала акумулирана загуба од 155,5 милиони денари. Истовремено компанијата има ненаплатени побарувања во износ од 243 милиони денари и вкупни обврски од 587,7 милиони денари. Од нив најголема ставка се обврските кон добавувачите кои изнесуваат 355 милиони денари, а во тековните обврски кредитите се уште 56,1 милиони денари. Долгорочните обврски по основ на кредити на компанијата изнесуваат 173,4 милиони денари.
„Жито Вардар“ во својот состав интегрира шест работни единици. Лани само две од нив завршиле со добивка, а четири книжеле загуба од работењето. Најголема добивка имаат „останати работни единици“ и таа изнесува 14,3 милиони денари. Добивка има и работната единица „Пекара“ и таа изнесува 1,1 милиони денари. Најголема загуба има работната единица „Млин за сточна храна Градско“ и таа изнесува 28,6 милиони денари. Работната единица „Млин“ има загуба од 9,2 милиони денари, а работната единица „Месо“ има загуба од 5 милиони денари. Најмали загубари се работната единица „Пекарница“ со загуба од 1,1 милиони денари и работната единица „Јајца“ со 1,4 милиони денари.
Компанијата ја води долгогодишниот директор Ристо Ташев, кој воедно е и најголем поединечен акционер и поседува 21,8 отсто од акциите со право на глас. Втор по големина акционер е компанијата „Влахос трејдинг“ со 20,5 отсто од акциите претставувана во управата на „Жито Вардар“ од Харилаос Влахос. Словенечката компанија „Каранта“ поседува 14,5 отсто од акциите и во бордот ја претставува Игор Финк. Меѓу поголемите акционери е и ЗК „Пелагонија“ од Битола која поседува 6,5 отсто од акциите во велешката компанија.