Фактор: „Алкалоид“ оствари значаен раст на извозот
„Алкалоид“ оствари над 2,1 милијарди денари (34,2 милиони евра) приходи од продажба во странство и го подобри својот извоз за 12 отсто во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од неревидираниот консолидиран биланс на успех на една од најголемите македонски компании, објавен денеска на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност.
„Алкалоид“ во првото полугодие прокнижил добивка од 287 милиони денари (4,66 милиони евра) и таа во споредба со профитот за истиот период лани бележи раст од 4 отсто. Податоците што ги објави „Алкалоид“ покажуваат дека секоја акција на таа компанија досега носи добивка од 200,5 денари за акција.
Сепак и покрај тоа што полугодишниот извештај на „Алкалоид“ покажува поуспешно работење во споредба со истиот период лани, просечната берзанска дневна цена на таа акција изгуби 28 денари и затвори тргување на вредност од 4.352 денари што претставува намалување за 0,65 отсто.
„Алкалоид“ бележи раст и на приходите од продажба на домашен пазар за првата половина годинава во споредба со истиот период лани. Годинава тие изнесувале 1,61 милијарди денари (26,2 милиони евра), а лани биле 1,53 милијарди денари (24,8 милиони евра).
Вкупните приходи на „Алкалоид“ за првото полугодие се 3,72 милијарди денари (60,4 милиони евра) и во споредба со истиот период лани се зголемени за 303 милиони денари односно за речиси 5 милиони евра. На страната на расходите во првото полугодие најзначајна ставка е трошоците за продадени стоки со вредост од 1,95 милијадри денари која бележи зголемување за 235 милиони денари во споредба со лани и вредноста на трошоците за маркетинг и дистрибуција со износ од 1,166 милијарди денари.
Мукаетов: вложивме повеќе од 120 милиони евра во производни капацитети
Генералниот директор на Алкалоид Живко Мукаетов, во интервју за хрватскиот весник Пословни дневник вели дека фармацијата е главната активност на Алкалоид, но 78 годишното искуство кажува дека потребно е постојано вложување во иновации и ширење на палетата на производи во различни сегменти, зголемување на уделот на постоечките пазари и освојување на нови.
-Конкуренцијата во фармацевтската индустрија е голема, се соочуваме со локални и регионални конкуренти, моќни мултинационални и генерички конкуренти со големи продуктни портфолија. Неопходни се инвестиции во локален кадар, во производното портфолио и во позиционирање. Во последните 15 години вложивме повеќе од 120 милиони евра во производни капацитети, технологија, информатички систем, кадар и знаење, па нормално е тоа што нашите производи се рамо до рамо со светски познатите брендови, вели Мукаетов во интервјуто.
Мукаетов потенцира дека Алкалоид е шеста рангирана фармацевтска индустрија во Европа, а само три од нив се самостојни, односно не се дел од поголем глобален состав.
Тој потенцира дека, таквото самостојно, брзо и флексибилно фукционирање е една од конкурентските предности на Алкалоид, која со сопствено име освојува нови пазари.
Тој вели дека над 60% од производите на Алкалоид се пласираат на странските пазари, а компанијата е одлично позиционирана односно е меѓу првите пет генерички компании по обем на конкретен пазар.