Годинава туризмот цвета во Грција но работниците имаат малку полза
Грција веќе сега e најголемиот добитник во годинешната летна сезона. Туризмот цвета, но вработените имаат малку полза од тоа. Некои туристички работници платите би требало да ги добијат дури на зима.
Дури и старите, искусни хотелиери се согласуваат со оценката дека досега никогаш Грција не ја преплавиле толку голем број туристи како оваа година. И премиерот на земјата е воодушевен, Андонис Самарас најави дека до крајот на годината Грција би требало да ја посетат вкупно 20 милиони туристи. Со овој бран, на директен или индиректен начин, е „погоден“ дури секој четврти жител на земјата.
Полни се хотелите, полни се и рестораните, кафулињата и баровите, а заработуваат и работниците во сите други бранши. За грчката економија која веќе со години се наоѓа во длабока криза, овој раст секако буди нови надежи и оптимизам за во иднина.
Што се однесува до цените, тие во однос на 2009. година паднаа за околу 30 проценти. Дури и во Атина каде до пред неколку години не можеше да се најде пристојна хотелска соба за помалку од 70 евра, денес се плаќа 40 евра. А на полуостровот Пелопонез како и на помалите, не толку познати острови, соба со поглед на море може да се добие во просек за 30 евра.