Фич го потврди кредитниот рејтинг на Македонија
Рејтинг агенцијата Фич го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на „ББ+” со стабилна перспектива. Како главни предности на македонската економија кои придонесуваат за оценката, истакнати се макроекономската политика и условите за водење бизнис, пренесува државната новинска агенција МИА.
Потврдата на рејтингот, како што наведува кредитната агенција, се должи на високиот раст на БДП од 3,9 проценти во првиот квартал годинава, во голема мера потпомогнат од растот на градежништвото и јавните инвестиции.
Според агенцијата, државниот долг се одржува на умерено ниво. За буџетскиот дефицит, Фич посочува дека во тек се големи инфраструктурни проекти кои можат да се одразат на стапката, но истовремено го поттикнуваат економскиот раст на земјата.
Благодарение на влезот на странските директни инвестиции, нотиран е раст на извозот, стои во соопштението.
Банкарскиот сектор е стабилен и останува добро капитализиран. За во иднина, Фич прогнозира дека Македонија ќе продолжи со стабилната фискална и монетарна политика и дека најголемиот европски трговски партнер на Македонија ќе закрепнува, што ќе влијае позитивно на трговскиот биланс.