Нови задолжувања од милијарда евра

Објавено на 6 ноември, 2015 во 13:38

Задолжувања за гасификација, автопати, но и за буџетски потреби предвидува владата. Европската комисија очекува јавниот долг да надмине 50 отсто од БДП, пишува Радио Слободна Европа.

Владата ги продолжува задолжувањата. До крајот на годинава се планира издавање нова еврообврзница со која земјава ќе се задолжи до 500 милиони евра на меѓународните пазари, Собранието вчера донесе закон за задолжување од 90 милиони евра кај Дојче банк и Ерсте банка за гасификација, а владата завчера се задолжи за нови 48 милиони евра на домашниот пазар, наместо планираните 42 милиони евра, а врати стари долгови од 41 милиони евра. Пред Собранието се и задолжувања од околу 300 милиони евра за Агенцијата за патишта за изградба на автопати.

Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека на крајот на септември јавниот долг достигна 3,94 милијарди евра, односно 43,9 отсто од БДП.

Експертите велат дека долгорочното задолжување со еврообврзница е добар потег, но оти загрижува фактот што намената е за краткорочни буџетски потреби. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека идат избори, а пари нема. Оваа влада и досега секогаш се задолжуваше пред избори, вели тој.

„Сакаат да ги измират долговите кон странство кои веќе доспеале за плаќање, а немаат пари, тие со овие средства што ќе ги добијат ќе ги платат доспеаните обврски кон странските кредитори во еден дел, а другиот дел да ги користат за тековна буџетска потрошувачка, односно за поткуп на одделни сегменти од избирачите, како што правеа и досега“, вели Хајредини.

Текстот во целост прочитајте го тука

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.