Донесен Буџетот за 2014-та
По петдневна расправа, во која опозицијата тврдеше дека е непродуктивен и изборен, а власта дека е развоен, Собранието на Република Македонија попладнево го донесе Буџетот за 2014 година.
Државната каса идната година ќе тежи 2,86 милијарди евра, односно околу седум отсто повеќе отколку годинава. Дефицитот е утврден на 3,5 отсто, односно ново задолжување од околу 300 милиони евра.
Според најавеното, дефицитот ќе се покрива со кредити од странство и домашни задолжување, а постои и опцијата за издавање еврообврзница или земање кредит со гаранција од Светската Банка.
Пресметката е базирана на проекција за раст на економијата од 3,2 отсто и инфлација од 3,3 отсто.
Опозицијата за буџетот достави 684 амандмани, од кои Владата прифати само пет.
Според министерот за финансии Зоран Ставрески, Буџетот за 2014 година ќе овозможи подинамичен економски раст преку реализацијата на капиталните инвестиции, кои се за 11 проценти повеќе во однос на годинава, ќе ја задржи социјалната стабилност преку зголемениот износ за пензии и социјална помош, како и преку зголемениот износ за субвенции од 140 милиони евра.
За опозицијата, Буџетот за 2014 година е неразвоен и нереален и дава можност за уште едно манипулирање и купување гласови пред избори.