И годишните сметки ке се доставуваат електронски
Годишните сметки кои фирмите ги доставуваат до Централниот регистар од годинава ќе се поднесуваат и по електронски пат, соопшти директорот на оваа институција, Ванчо Костадиновски.
– Главната предност на овој систем се состои во тоа што ќе овозможи поедноставено и поефикасно поднесување на годишната сметка. Почнувајќи од 2013 година па натаму системот ќе можат да го користат сите сите сметководители. Би биле среќни доколку во годините што следуваат целосно се премине на овој систем – рече Костадиновски.
Тој појасни дека на овој начин на фирмите и сметководителите повеќе нема да им бидат потребни двојни дигитални сертификати, ќе нема потреба од двојно изготвување на годишните сметки и ќе се овозможи групно плаќање на надоместокот за поднесување на годишната сметка од сметководителите кои водат повеќе фирми.
Од Централниот регистар очекуваат на ваков начин да бидат доставени годишни сметки од околу 100.000 правни субјекти, а рокот на доставување на годишните сметки е продолжен до 15-ти март.
Премиерот Груевски, кој присуствуваше на презентацијата на електронскиот систем истакна дека ова е уште една мерка за Владата која е со цел подобрување на бизнис климата.
– Верувам дека оваа мерка ќе биде уште еден чекор во олеснување на деловното работење на фирмите – рече Груевски, додавајќи дека токму ваквите мерки го подобруваат котирањето на Македонија во извештаите како „Дуинг бизнис“ и истото не останува незабележано од странските инвеститори.