Што и прогнозира ЕК на македонската економија
Најлошото од економската криза можеби е зад нас, но ова не е време за опуштање, порачува Европската комисија во најновата зимска економска прогноза, пренесе Фактор.
Според еврокомесарот за економски и монитарни прашања Оли Рен, растот на европските економии е уште бавен, а последиците од кризата се чувствуваат во сите сегменти од економијата.
Во извештајот, Комисијата ја скенира состојбата и во македонската економија.
Уште повеќе ќе расте задолженоста
Јавниот долг на Македонија ќе продолжи да расте, предвидува Европската комисија во најновата зимска економска прогноза. Јавниот долг, кој лани бил 35,4% од БДП, годинава се очекува да достигне 37,4%, а догодина 38,9% од БДП.
Сепак, вкупниот јавен долг, кој го вклучува и долгот на претпријатијата во државна сопственост, јавните агенции и јавните финансиски институции, најверојатно ќе биде значително повисок. Тоа, исто така би го опфатило и новоформираното Јавно претпријатие за државни патишта преку кое Владата ќе ги канализира значајните трошоци за патна инфраструктура, а кое може да позајмува во свое име со долг гарантиран од страна на Владата“, наведуваат од Еврокомисијата.
Со цел да се спречи натамошно зголемување на јавниот долг, Комисијата препорачува понизок дефицит. Буџетскиот дефицит во 2013 бепе ревидиран со ребалансот од 3,6 на 3,9%. Комисијата, пак, очекува дефицитот да се држи на ниво од 3,6 проценти до 2015 година.
“Со цел долговите на општата влада да се стабилизираат, фискалниот дефицит би требало да се намали посуштински отколку што е таргетиран”, препорачува Комисијата, но заклучува дека ова веројатно ќе се покаже тешко со оглед на неодамна спроведеното зголемување на пензиите, најавеното покачување на платите во јавниот сектор за оваа година, како и зголемувањето на социјалните трансфери.
Текстот во целост прочитај го тука.