Иницијатива „Отворен Балкан“: Вучиќ, Рама и Димитров денеска во Белград

Објавено на 4 ноември, 2021 во 10:25

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Белград се среќава со албанскиот премиер Еди Рама и со вицепремиерот на Северна Македонија, Никола Димитров, во рамки на иницијативата за регионална соработка „Отворен Балкан“, пишува Бета.

Отворен Балкан е регионална иницијатива која ги вклучува Албанија, Северна Македонија и Србија, порано позната како мини-Шенген.

Иницијативата го промени името во Отворен Балкан кон крајот на јули, на состанокот во Скопје на кој присуствуваа лидерите на трите земји, Еди Рама, Зоран Заев и Александар Вучиќ.

Укинување на граничните контроли

Тогаш беше договорено граничните контроли меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија да бидат укинати на 1 јануари 2023 година, а беа потпишани три документи – Меморандум за разбирање за соработка во олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка во однос на слободниот пристап до пазарот на труд во Западен Балкан и Договорот за соработка во заштитата од катастрофи на Западен Балкан.

На средбата во Белград требаше да присуствува и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, но го откажа учеството откако поднесе оставка од таа функција поради поразот на локалните избори, а доаѓа вицепремиерот заолжен за европски прашања Никола Димитров.

Пред заедничката средба, тројцата претставници ќе се сретнат со претставници на компании од Србија, Албанија и Северна Македонија, како и со претставници на Атлантскиот совет.

Средбата меѓу Вучиќ, Рама и Димитров започнува во 10.30 часот во Палатата Србија, а обраќањето пред новинарите е закажано за 11.30 часот.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.