Ќе дојде момент и за регулирање на социјалните мрежи, за да нема несакани последици, вели Ковачевски
Согласно Стратегијата за дигитализација, во иднина ќе се размислува во делот на користењето на социјалните мрежи, не за ограничување, напротив, за регулирање што ќе овозможи нивна употреба за унапредување на општеството, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за тоа дали државата планира да ја блокира апликацијата Тик Ток, по несреќата што се случи во саботата, кога животот го загуби 14-годишно девојче од Илинден како последица на струен удар, во обид да сними видео за Тик Ток.
-Социјалните мрежи се нов феномен во општеството. Во моментот кога настанаа пред речиси десет години, тие беа апсолутно интересни за сите, но уште тогаш експертите говореа дека ќе дојде момент кога ќе бидат тешки да се контролираат. Ќе дојде момент кога ќе треба да се направи регулирање, на целокупното функционирање на социјалните мрежи, изјави Ковачевски.
Појасни дека постојат различни примери во различни држави во однос на користењето на социјалните мрежи и останати 4Г и 5Г апликации што се користат на јавните телекомуникациски мрежи, а секако ќе размислуваат и за регулирање на нивната употреба за да не дојде до нешто што не сакаме да го имаме како последица.
Ист случај имаше пред неколку месеци кога 17-годишна девојка од Маџари заврши со изгореници од трет степен на 30 проценти од телото за да сними видео на Тик-Ток. Од струјниот удар добиен на врвот на вагонот завршиа со сериозни повреди, а соседите ја спасувале бидејќи била во несвест врз вагонот.
Дума.мк