Опозицијата останува на своите тврди позиции!
Опозицијата не отстапува од своите цели и ставови откако го доби одговорот од власта дека предвремени парламентарни избори нема да се одржат.
„Ниту едно соопштение не може да го избрише фактот дека ВМРО ДПМНЕ, со настаните пред и на “црниот понеделник“, свесно ја укина институционалната политичка дебата, го прекрши уставот, законите, деловникот, процедурите и практично ја суспендираше парламентарната демократија. На ваков начин беше недвосмислено потврдено дека Собранието во овој состав не е повеќе место за нормален политички дијалог. Преседанот со насилното исфрлување на новинарите и опозициските пратеници од Собранието, неповратно и го одзема легитимитетот на власта. Мандатот добиен од граѓаните никому не дава право за политичко самоволие и диктат со злоупотреба на државните институции. Во ваква ситуација невозможно е да се очекува опозицијата, која беше брутално исфрлена, да се врати во Собранието кое во овој состав нема никаков легитимитет“, се наведува меѓу другото во соопштението од опозицијата.
Нагласуваат дека е штетно за државата да се игнорира политичката криза создадена од власта.
“ Би било наивно да се преправаме дека власт која на ваков начин ги злоупотребува институциите може или сака да организира слободни, фер и демократски избори. Во вакви услови невозможно е да се одржат само локални избори, бидејќи тоа би значело легитимирање на однесувањето на власта, а сите оние кои би излегле на тие избори би станале соучесници во укинувањето на демократијата“ пишува македонската опозиција.
