СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ им ја краде победата во Куманово!
Пратеникот Оливер Спасовски вечерва на вонредна прес конференција обвини дека владата на Груевски ја краде победата на СДСМ во Куманово. Според него власта во овој град режирала драма.
„ Директно вклучена е и полицијата во режирање на сите овие настани. Според наши сознанија, неколку лица се приведени во СВР Куманово и издаден е налог од истражниот судија за да се земат избирачките списоци од три изборни места, на увид во полиција. Наводно имало спречување на избирачкото право. До сега не се дадени било какви забелешки на избирачките записници, потпишани се од сите членови на избирачките одбори и на комисијата. Вториот момент, за да ја фалсификуваат волјата на граѓаните во Куманово, и да ја негираат чистата и убедлива победа што ја остваривме во вториот круг, имаат поднесено околу 30 пригоровори на избирачките места во Куманово, без никаква забелешка на официјалните записници. Директно станува збор за вклучување на партиско-полициската држава, најверојатно поради тоа што Гордана Јанкуловска беше неофицијално шеф на изборниот штаб на Зоран Георгиевски и сега сака преку полициски методи да направи менување на резултатите во Општина Куманово“ рече Спасовски. Според него кумановци сега биле уште поцврсти.
Избирачките места каде полицијата врши притисок, има околу 1.200 избирачи и праша зошто сите набљудувачи на ВМРО-ДПМНЕ во неделата ги потпишале записниците и немале примедби на денот на изборите, за разлика од денес.
„ Можат да тренираат строгост на било кој, меѓутоа во Куманово не можат и не смеат да го направат тоа, заради тоа што граѓаните нема да толерираат и да ја свиткуваат кичмата пред оваа ненародна власт во Република Македонија и на еден ваков брутален начин да се фалсификува волјата на граѓаните. Во првиот изборен круг кога водеа, молчеа и за нив беше се нормално, тогаш биле фер и демократски избори. Во вториот круг кога доживеаја катастрофален пораз, кога граѓаните им кажаа не, сега имало наводни проблеми. Ги повикувам сите од ВМРО ДПМНЕ од Куманово, да не бараат алиби за неуспехот кој што го имате на овие локални избори. Немојте преку полицијата да инструирате луѓе и преку полициските методи да се обидувате да ја поништите волјата на граѓаните на Општина Куманово “ нагласува Спасовски./ A.Д
