Триесет дена притвор за Богоевски, Пешликовски и Томановиќ!
Откако полицијата им поднесе кривични пријави за перење пари, истражниот судија, на екс разузнавачот Слободан Богоевски и адвокатите Владо Пешликовски и Васко Томановиќ им одреди триесетдневен притвор.
Според МВР тие испрале милион евра кои ги изнудиле од словенечка фирма под изговор дека ќе издејствуваат да се раскине договорот на Република Македонија со една кипарска фирма за градежна парцела кај Воената болница, за потоа словенците да го купат земјиштето, иако договорот претходно веќе бил раскинат.
Осомничените беа уапсени вчера утро, попладнето беа предадени на истражен судија а распитот траеше до доцна синоќа.
Притвор и е одреден и на Даниела Трајковска, една од управничките на вмешаните фирми. Засега во акцијата Агент МВР приведе четворица, а трага по уште две лица, еден македонски и еден словенечки државјанин.