Утре и задутре половина држава во портокалова фаза!
Од топлотен бран во портокалова фаза за утре и задутре ќе видат зафатени Осоговско-малешевскиот, Охридско-преспанскиот и Полошкиот регион. Топлотен бран во жолта фаза е најавен во Скопскиот, Јужно вардарскиот и Пелагонискиот регион во државата. Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека за време на викендот се очекува мало намалување на температурите во Македонија.
Поради ова министерството за здравство упатува повеќе препораки:
Да се ослободат од работни обврски бремените жени и лицата постари од 60 години.
Работодавците да го реорганизираат работното време за градежните работници и лицата кои работат на отворено со тоа што ќе се избегнуваат активности во периодот од 11 до 17 часот.
Во градинките пак не треба да се организираат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Единиците на локална самоуправа, Црвен крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи, треба да имаат поактивен пристап и помош на постари, изнемоштени лица и бездомници.
Сите граѓани во вакви екстремно топли денови, треба да остануваат што е подолго во затворени, пред се климатизирани, простории, а кога мора да се биде на отворено, да се најде можност за почести одмори под сенка.
Граѓаните кои ќе излезат на сонце треба да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа. За сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
Треба да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна.
Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
Пред влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
Хроничните болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, свежиот зеленчук и овошје пред јадење да се мијат внимателно, а храната воопшто да биде добро сварена или испечена и да се јаде во многу краток рок по подготовката. Она што нема да се изеде да се чува во фрижидер на температура од 8 Целзиусови степени, а пред консумирање да се загрее на температура над 100 степени.
Министерството за здравство порачува да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на веб-сајтот www.toplotnibranovi.mk.
