Охридскиот маратон денеска се плива во Охридско Езеро
Со учество на 28 пливачи, од кои 17 во машка и 11 во женска конкуренција, денеска напладне ќе започне 27-ми по ред Меѓународен пливачки маратон. Денешните пливачи во Охридското Езеро доаѓаат од четири континенти.
Тие ќе пливаат на патеката „Климе Савин“ во должина од 30 километри од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид. Меѓу нив се водечките пливачки имиња во генерален пласман Даниел Блум од Аргентина, Олга Козјодуб од Русија и Симоне Ерколи од Италија.
Томи Стефановски, Евгениј Поп-Ацев, Александар Илиевски и Дејан Младеновски се во македонскиот пливачки тим. Македонија годинава нема преставничка во женска конкуренција.
Трката стартува во 12 часот, а првите пливачи на целта, пристаништето во Охрид, се очекува да пристигнат после 17 часот.
Наградниот фонд за Охридскиот маратон што се одржува во организација на Македонската пливачка федерација изнесува десет илјади долари.Покровител на оваа спортска манифестација е претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов.
