Собирањето печурки главен извор на егзистенција на стотици кривопаланчани

Објавено на 9 септември, 2013 во 07:08

Со торба, во која имаше неколку килограми печурки,  Борис Миленков од планината се враќаше дома , во селото Дурачка Река. Овој педесет и осум годишен човек е традиционален собирач на печурки во Кривопаланечко. Тој пред десетина години останал без работа и оттогаш собирањето печурки и други шумски плодови е главен извор на егзистенција за неговото семејство. Маката го натерала да проучи се што е поврзано со печурките, па затоа денес важи за еден од најдобрите печуркари во кривопаланечко.

– Десетина килограми од видот вргањ набрав денеска а тоа е многу слабо. Тешко е верувајте,многу мака треба да се најде ова растение. Се бара под лисја, по ливадите и многу треба да се внимава зашто ја нема како некогаш бидејки шумата многу се рашири и не и дава простор на печурката да расте, рече Миленков.

Тој додаде дека привршува сезоната на собирање и затоа последните количини кои секојдневно ги собира наместо свежи ќе ги обработи и исуши за потоа да ги продава како сушени печурки. На прашањето што се е  потребно за да се произведе квалитетна сушена печурка Миленков ни рече дека само внимателно треба да се постапува со  набраната количина и да не се заборави дека е природен производ од еколошки чиста животна средина.

– Многу едноставно. Прво ја чистам печурката од корупката, внимателно и полека, за да не ја оштетам. Потоа со нож ја сечам на листови, како филети од риба, по должина. Следно што правам е редењето на специјални сушници кои сам си ги направив. Нив ги ставам во дворот и надгледувам како се суши, значи го одредувам точно времето што е потребно за сушење, за да не се пресуши печурката. На јако сонце доволно е еден ден сушење но сега ќе треба повеќе од ден, околу два зашто се пониски температурите. Потоа ги собирам и ги пакувам, најчесто во количина од еден килограм, за да ги однесам кај откупувачите. На количините со сушената печурка повеќе се заработува, годинава 1.500 денари за килограм или 500 денари помалку од лани, ама што да се прави, без работа сум и морам да го прехранам семејството,рече Миленков.

И не само нему туку и на бројни паланчани собирањето на печурка вргањ им стана главен извор на егзистенција. Секое утро на изгрејсонце стотици луѓе заминуваат во планина во потрага на печурки. Можат да се сретнат цели семејства како бараат и берат печурки. Тие за да наберат пет килограми печурки дневно пешачат и по 20 километри.

Годинава, откупувачите нив им даваат од 100 до 150 денари додека лани добиваа 200 денари за килограм. Откупот е загарантиран, трговците во кеш и на лице место, ја плаќаат печурката.

Во кривопаланечко собирањето оваа печурка е главен извор на егзистенција на многу луѓе. Нема производствени капацитети а се живее само од собирање шумски плодови.

– Кога ќе влеземе во шумата со син ми одиме и по 35 километри за да собереме некое кило, а видете јас денес цел ден одев и што собрав, ова е малку“, се пожали чичко Борис.

И тој дојде во домот на Миленков за да ја раскажат приказната за собирање на шумски плодови од кои живеат стотици семејства во овој дел на Македонија. Тие освен печурки берат и боровинки. Во сезоната на собирање на овој вид на шумски плодови наутро, во 4 часот, тргнуваат во планина.

– Со чешелче ги собиравме малите сини плодови, полека и внимателно, бидејќи боцкаат ама мора да се собере што да се прави. Оваа година од собирањето боровинки си купив ладилник, рече Миленков.

Во нивната приказна, за собирачите на шумски плодови,  слушнавме како шетајќи по планините насекаде се чувствува мирисот на мајчината душичка, тешко се стигнува до шумски јагоди, капини, малини, кантарион, печурки, но предност во долгото пршачење е чистиот воздух и секако подготвените сокови, слатка и мармалади во нивните домови./Б.Н.Т

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.