Штеди ли министерството за здравство на сметка на пациентите?
Седумдесетгодишната велешанка Родна Ј. пролетва се разболела од псоријаза. Таа живее на Којник, на ридот од десната страна на градот и за преглед кај кожниот лекар, во Здравствениот дом во центарот на градот, се симнала пешки. Но, во специјалистичката амбуланта наместо лекар ја пречекала медицинска сестра со објаснување дека амбулантата не работи бидејќи специјалистот заминал во пензија.
– Тоа што за џабе се симнував не беше толку страшно во споредба со информацијата дека ми треба преглед кај субспецијалист во Скопје. Но, за таму морав да имам упат од лекар специјалист за кожни болести. Бидејќи во Велес тогаш го немаше ми рекоа да одам кај матичниот лекар, па тој да ме прати на кожен лекар во Штип и одтаму да извадам упат за Клиника во Скопје. Така требало и што да правам еден ден се задигав од Велес до Штип па потоа, по неколку дена, отидов и за Скопје. Воопшто не беше лесно на седумдесет години да се изоди тој пат, рече Родна.
„Велес виа Скопје преку Штип“, ова патешествие го пребродија повеќемина велешани во изминатите девет месеци додека градот беше без кожен лекар. Пензионирањето на единствениот специјалист се случи во време кога лекарката што требаше да го наследи не успеа навреме да специјализира, бидејќи се омажила, останала бремена и родила дете. Поради оваа причина неколку месеци се затвори амбулантата за кожни болести во Здравствениот дом. Директорот на Општа болница Велес,д-р Атанас Василев рече дека веднаш штом докторката заминала во пензија почнал да бара решение за проблемот. Но на писмениот одговор за ангажирање на лекар на замена, болницата во Велес од Kлиниката за дерматовенерологија чекаше неколку месеци.
– Амбулантата е повторно отворена. Болницата потпиша договор со Клиниката за дерматовенерологија и еднаш неделно, односно секој петок во кожната амбуланта во Велес доаѓа специјалист од Скопје. Ако има повеќе од 40 прегледи тогаш ќе платиме за ангажман на лекарот во времетраење од два пати неделно, значи да доаѓа во уште еден ден и да врши прегледи на пациентите во Велес, рече д-р Василев.
Пациентите во Велес денеска се соочуваат со последиците од периодот 2002 – 2006 година кога во општата болница не беше вработен ниту еден лекар и никој не беше испратен на специјализација иако кадарот од јавната здравствена организација се одлеваше. Освен по природен пат, поради пензионирање, болницата оддеднаш ја напуштија 20 лекари специјалисти кои преминаа во приватните амбуланти. Сите лекари специјализираа на државна сметка. Специјализацијата воглавно трае 5 години, тогаш за неа државата плати по 2,5 илјади евра од семестар за еден лекар. И наместо сите да се вратат и да ги одработат 10-те години, што е законска обвска, најголемиот дел од нив веднаш по специјализацијата си заминаа во други клиники.
Кожната амбуланта остана без лекар а со еден лекар специјалист работи станицата за трансфузиологија во Велес. До пред девет месеци таа функционираше со двајца а пред 10 години во неа работеа тројца трансфузиолози. Но двајцата се пензионираа и сега таму владее вистински хаос. Редици од пациенти, од регионот, чекаат со часови бидејќи единствениот лекар не стигнува во исто време да ги прегледа оние со венска тромбоза, бремените жени, граѓаните што полагаат возачки испит и крводарителите. Згора на тоа овој лекар трансфузиолог има обврска да издаде крв за операциите во болницата. Затоа еднаш седмично доаѓаше и лекар од Неготино.
– Сам незнам да си прочитам какава ми е крвта. Ми велат сега да одам кај матичниот лекар, бидејќи тука нема кој да ги види резултатите. Тешко ми е, чекав со часови, а имам вградено четири бајпаса, рече Миле С.
– Јас имам длабока венска тромбоза и морам да пијам лекови по шема како и редовно да доаѓам на контрола. Треба лекар да ме прегледа и да ми каже како да ги пијам. А лекар нема, рече велешанката Вера М.
– Три пати идам од Раштани. Ова незнам што е, а опериран сум и не можам да стојам. Нема ниту клупа ниту столче каде да седнеш. А во амбулантата условите се никакви, мем и влага има насекаде па и хигиената не е на високо ниво, рече Ѓоре Т.
Освен од пациентите има поплаки и од крводарителите. И тие, поради гужвите, се враќаат дома а тоа директно се одразува на количината на доброволно дарувани крвни единици. Велес секогаш беше на првите места на ранг листата на крводарувања а сега за жал тоа не е така, рекоа крводарители.
Но, во Велес нема изгледи за вработување на втор трансфузиолог, категорична е директорката на Институтот за трансфузиологија. Д-р Емилија Велкова смета дека во Македонија треба да се воведе методот Телемедицина според кој лаборантите ќе земаат крв и по интернет ќе ги праќаат резултатите кај лекарите во регионалните центри. Тие ќе ги читаат и ќе одредуваат терапија за пациентите.
– Вака работи трансфузиологијата во Европа. Овој модел треба да го примениме и ние. Полека ќе го воведуваме, рече д-р Велкова.
Таа соопшти дека сега во државата има 70 трансфузиолози а во наредните 5 години 14 од нив ќе заминат во пензија. Во истиот период ќе специјализирале само двајца трансфузиолози. И тоа ќе биде доволно, рече д-р Велкова.
Ова за пациентите од Вардарскиот регион е несватливо. Се прашуваат кој ќе им ја одреди терапијата без преглед ако трансфузиолози од други центри во државата им ги читаат резултатите на интернет.
Одделението за трансфузиологија не е под надлежност на велешката болница туку под Институтот во Скопје. Тоа само користи простор во склоп на болницата во Велес. Сместено е во приземје на еден век стара зграда, со мемливи и руинирани ѕидови,а на катот над него работи одделението за физикална терапија. Тоа ќе се реновира, вели директорот на велешка болница.
– Проектот е готов, за скоро време очекуваме да започне постапката. Штом заврши реновирањето можеме да кажеме дека речиси сите одделенија ќе бидат во добра состојба, рече д-р Василев.
Штом заврши овој проект нему ќе му остане да го реши проблемот со недостигот од кадар. Сега болницата работи со 52 лекари специјалисти а според директорот и фалат уште 28-мина за да можат да ги задоволат потребите на сите пациенти. Седумнаесет општи лекари, примени од лани до сега, добиле специјализација но тие ќе го пополнат местото само на половина од оние кои за десет години ќе заминат во пензија.
Велешката Општа болница со годишен буџет од 3 милиони евра и 52-ца лекари специјалисти дава здравствени услуги на 133 000 пациенти во Вардарскиот регион. Во оваа сума на пари се вкалкулирани сите годишни приходи и расходи на јавната здравствена организација од набавки на лекови, медицински материјали и апарати преку исплата на плати до сметките за вода и струја. Првичниот впечаток дека тоа, за македонски услови, и не се малку пари, паѓа во вода бидејќи програмата што болницата ја има покажува дека сепак и требаат и повеќе пари и поголем број на лекари специјалисти. На годишниот буџет добредојдени би му биле уште 200 илјади евра, вели директорот Василев. Велешката болница не е единствена која се соочува со вакви проблеми.
Општата болница во Охрид дава услуги на 150 илјади пациенти, има 72-ца специјалисти и годишен буџет од 243 милиони денари. Според директорот, болницата би функционирала подобро ако добие уште 20 милиони денари и нови 20 специјалисти. Др Љубен Арнаудов, исто како неговиот колега во Велес, вели дека најмногу пари од буџетот се трошат за набавка на лекови и за комунални сметки. И тој тврди дека болницата има потреба од дополнителни пари затоа што таа во првата половина од годинава дала 20 илјади здравствени услуги, повеќе од лани.
Но какви се планирањата на министерството за здравство не успеавме да дознаеме. Од таму не добивме одговор на прашањето се штеди ли на сметка на пациентите ако болниците работат со помали буџети од реално потребните и со помал број на специјалисти.
За разлика од Македонија во Словенија, држава со приближно ист број на жители и региони, од буџетот годишно се издвојува 3 милијарди евра, за потребите на сите јавни здравствени установи што е за седум ипол пати повеќе од кај нас.
Директорите на болниците во Македонија почнаа да планираат како да ги подобрат условите за работа и услугите на пациентите. За тоа им требаат само повеќе пари. И додека државата ги согледа нивните реални потреби пациентите ќе мораат да се задоволат со тоа што моментално им го нуди македонското здравство.
Во меѓувреме, во велешката болница дојде заменик министерот за здравство Јовица Андовски. Најави реконструкција на одделението за физикална терапија и рехабилитација која ќе чини 140 илјади евра и набавка на медицинска опрема. Според Андовски одделението за трансфузиологија најверојатно ќе се реновира вгодина. Тогаш и директорот на болницата, д-р Василев, соопшти дека е веќе ангажиран уште еден лекар за потребите на кожната амбуланта.
Убавка Јаневска
Истражувањето е поддржано од CIN SKUP Makedonija во рамките на проектот „Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известување“
