СДСМ презентира проект за повраток на ДДВ на секој граѓанин

Објавено на 8 октомври, 2013 во 15:04

„Да ја вратиме средната класа“ е основната порака на новата Програма на СДСМ. Слоганот прецизно го отсликува фокусот на СДСМ кој е насочен кон враќање на значењето, позицијата и достоинството на огромното мнозинство граѓани на Република Македонија кои припаѓаат или треба да припаѓаат на средните општествени слоеви. Нема демократија без средна класа. Нема напредок без стабилна средна класа која чувствува дека политиката и носи подобар живот и отвара повеќе шанси, беше речено меѓудругото на денешната прес конференција на која лидерот на СДСМ, Зоран Заев презентираше една од мерките содржани во новата програма на СДСМ.

„ Денеска, во оваа прилика, ќе го промовирам првиот од проектите кој ја истакнува определбата на СДСМ за враќање на средната класа во Република Македонија.  Го нарековме: “Проект за повраток на ДДВ на секој граѓанин.  Нашиот предлог е: на секој граѓанин, или попрецизно, на секој краен потрошувач да му се враќаат 15 проценти од платениот ДДВ“ рече Заев и ги спомена ефектите од примената на оваа економска мерка.

Ссо враќањето на 15 проценти од ДДВ-то, на граѓаните ќе им бидат вратени 8 милијарди денари (околу 130 милиони евра) годишно. Како што посочи Заев,  на фискална сметка од 10.000 денари, за која се плаќа ДДВ во износ од 1.800 денари,15-те проценти од ДДВ-то што им се враќаат на граѓаните изнесуваат 270 денари. Според оваа мерка помеѓу 20 и 30 илјади денари годишно за секое семејство во Република Македонија кое поседува фискални сметки.

„ Со можноста за повраток на 15 проценти од платениот ДДВ, секој граѓанин ќе има мотивација да инсистира на издавање фискални сметки. Всушност, така сите граѓани би ја имале улогата на „даночни инспектори“ рече Заев.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.